![]() ОД ПОСЕТАТА НА СВЕТАТА ЗЕМЈА - ИЗРАЕЛ: ЕВРЕИТЕ И МАКЕДОНЦИТЕ
Историјата на Евреите и на Македонците е тесно поврзана: тие се библиски народи со многу слична судбина
Евреите под македонска власт Познато и потврдено е дека, походот на Александар Македонски против Персија бил успешен. Во неколкуте поголеми борби персиската војска била разбиена, а со тие територии загосподарил Александар Македонски. На тој начин и Евреите, кои дотогаш се наоѓале под Персија потпаднале под власта на Македонија. Овој настан ја засегнал политичката и економската положба на еврејскиот народ и неговиот внатрешен живот, неговиот бит и обичаите, културата и воопшто целокупното живеење на еврејскиот народ. Кога ја виделе опасноста од “Освојувачот” Јудејците вознемирени, побрзале да формираат многубројна делегација од првенци и свештенослужители, кои требало да го омекнат гневот на Александар. Тие облечени во великолепни свештенички одежди и со запалени факли во рацете го дочекале пред градските ѕидишта, на чело со првосвештеникот Јадуа. Потоа, историската легенда зборува дека кога Александар Македонски се исправил пред јудејските свештенослужители и првенци, кои го очекувале, како да настанало некакво чудо. Изненаден, тој го запрел својот коњ, и за голема вчудоневиденост на неговите полководци и придружбата, пристапил кон првосвештеникот Јадуа, со почит му се поклонил. Од неговиот претходен бес немало ниту траг. Полководецот Пармениј не се воздржал и го прашал царот зошто толку бргу неговиот бес се претворил во необична милост кон покорените Евреи. Ти си највеликиот цар на земјата – рекол Пармениј – Зошто се понижуваш, поклонувајќи се пред овој стар Евреин? Александар Македонски, меѓутоа, ја прифатил раката на првосвештеникот и одговорил:
Потоа, легендата вели дека Александар Македонски го поткрепил со својата моќна десница стариот белобрад првосвештеник и заедно со него, влегол во Ерусалим. Меѓутоа, неговото влегување во Вечниот град било не како покорувач, туку како најверен пријател, со цел да му принесе на Храмот жртва на израелскиот Бог. Наредниот ден Александар Македонски им соопштил на првенците дека им дозволува да ја извршуваат слободно својата власт и верските обичаи, според нивните закони и разбирање. Понатаму, историски факт е дека Александар Македонски се сметал себе си за повикан да ги обедини Исток и Запад. Тој успеал да ги придобие кон себе покорените народи, со тоа што тие се однесувале со почит кон нивните религиозни верувања и го почитувал како свето она што било свето за покорените. Така се однесувал и кон Евреите при својот престој во Ерусалим. Меѓутоа, Александар Македонски таму побарал неговиот лик да биде поставен во Ерусалимскиот храм, меѓутоа првосвештеникот го одбил тоа барање како неосновано според правилата на еврејската вера. Тој умно кажал дека Евреите ќе му постават друг, жив и мошне траен споменик. Имено, сите момчиња што ќе се родат во истата година во Јудеја ќе го носат името Александар, а девојките Александра, во спомен на славниот победник. Александар Македонски задоволен од тоа, ги дарувал Евреите со уште многу битни привилегии. Истите привилегии Александар, пред тоа, ветил да им ги даде и на Евреите во Персија и Вавилонија. Тој ги израмнил Евреите по граѓански права со Грците и со тоа го поставил почетокот на блескавата јудејско – грчка цивилизација, чиј што центар неколку векови бил градот основан од него, Александрија. Самата Јудеја била вклучена во провинцијата Келесирија (Јужна Сирија) каде што управувал царски намесник…
Судбинска поврзаност
Евреите, пак, во долгиот и тежок пат на опстојување, во времето кога Римјаните го разрушиле Ерусалим и во пламенот на огинот изгоре Светиот Храм, Јудеја била разграбена и опустошена. На Евреите им било забрането да живеат во нивната татковина Јудеја, со што настапува еврејско големото раселување по светот. Потоа во Јудеја доаѓаат муслиманите, крстоносците, отоманците и секој на свој начин се однесува кон овој народ. Секако минатиот век за Евреите е најжалосниот, бидејќи, Ариевците на чело со Хитлер убиле 6.000.000 Евреи. Со тоа еврејскиот холокауст не се заборава, туку остави големи лузни кај народот и во неговата историја. Во врска со еврејскиот холокауст, секоја година на 11 март во Скопје пред Споменикот на жртвите од бугарскиот фашистички окупатор, им се оддава почит на македонските Евреи. На тој ден, во 1943 година бугарската полиција на германските нацисти им предаде 7.144 македонски Евреи. За жал, денес во Музејот “Јад Вашем” стои дека се убиени 7.000 бугарски, а не македонски Евреи. Неправда што веруваме дека во иднина ќе се исправи. Инаку кога зборуваме за судбинската поврзаност на македонскиот и еврејскиот народ и на Македонија и Израел, треба да се спомене дека Република Македонија се граничи со четири земји: Албанија, Бугарија, Грција и СР Југославија. За жал, овие земји како во договор имаат аспирации и негаторски однос кон Македонија. Така Србите го негираат постоењето на автокефалноста на Македонската православна црква како продолжувач на Охридската архиепископија; не ја признаваат целосно границата меѓу двете држави. Грција го негира уставното име на Република Македонија и со сите можни средства се бори да ја омаловажи и државата и народот со употреба на неприфатливата додавка БЈРМ. Албанија има територијални претензии кон западниот дел на Македонија, каде се случува популациона инвазија. Бугарија, пак, ја призна државата, а го негира македонскиот јазик. Од тие причини и не случајно Македонија е наречена “јаболко на раздорот на Балканскиот Полуостров”. Исто така и Израел се граничи со четири држави и тоа: Либан, Сирија, Јордан и Египет. Изрел се наоѓа во изолирана положба како еврејска држава која е опкружена од Арапи, кои претежно се муслимани. Односите меѓу Израел и неговите соседни земји се одразуваат скоро на секој аспект на изразување на надворешните односи, како и на демографијата, економската и друга политика во текот на историјата. Сите тие соседни земји, на свој начин имаат територијални претензии и се однесуваат негаторски кон еврејскиот народ и еврејската држава. Затоа, и Израел често се нарекува како “јаболко на раздорот на Блискиот Исток”. Меѓутоа, макотрпниот живот, целокупните состојби, силната љубов кон својата вера, народ, земја, минато и иднина направи и од Македонците и од Евреите да формираат свои суверени и независни држави. Од Израел и од израелскиот народ треба да се учи колку тешко, макотрпно и со многу пожртвуваност се формира држава, како уште потешко се стекнува слободата и, како сето тоа возвишено, со силна вера, со голема љубов и со најголема надеж треба да се брани, гради, чува и развива новосоздадената држава. А, еврејскиот случај на создавање на држава и опстојување на истата е единствен пример во светот. |