![]() ОД ПОСЕТАТА НА СВЕТАТА ЗЕМЈА – ИЗРАЕЛ: ИЗРАЕЛ – ЗЕМЈАТА НА КОНТРАСТИ
Израелците градат фабрики и индустриски преработувачки капацитети во приморските и во пустинските предели. – Мртвото Море атракција за посетителите Ја посетивме Светата земја - Израел која во вистинска смисла на зборот претставува ретко доживување. Таа за Евреите е ветената земја од Господа на Аврама и на неговите следбеници. Таа е наследство во кое децата на Израел биле водени од Мојсие по егзодусот од Египет и соединети во моќта на еврејската нација (Хибру), под водството на царот Давид и неговиот син Соломон. Таа е лулка на три големи монотеистички религии, еврејската, христијанската и муслиманската. Но, најважно за христијанскиот свет е тоа што таа е родната земја на Исус Христос и Светиот град каде што тој бил распнат на крст, погребан и по три дена воскреснал. Според библиските преданија од Стариот завет, првите доселувања на Евреите во Ветената земја - Канаан почнале околу 2.000 години пред новата ера. Тие биле номадски сточари од Месопотамија, од долен Еуфрат и од други места. Нив ги донел патријархот Аврам. Меѓутоа, масовното доселување на Евреите на овие простори почнало со напуштањето на Египет во 1580 година пред Христа под водство на Мојсеј, кој на Синаискиот Рид им ги дал Десетте божји заповеди. Еврејскиот народ постои уште од номадскиот период преку создавањето на првата единствена држава на Евреите од 1030 до 930 година пред Христа па преку нејзиното распаѓање, покорувањето на Евреите и нивната емиграција, до создавањето на еврејската држава која се реализира дури по Втората светска војна, на 14 мај 1948 година.
Економски растеж Денес Израел доживува своевидна револуција во својот развој. Тоа е особено видлива во облагородувањето на пустинските предели, изградбата на иригациони системи за наводнување, развојот на земјоделството, на машинската и на другата индустрија. Исто така, таа има сличен подем во современата трансформација на градските урбани средини кои претставуваат своевидна симбиоза со богатата историска ризница и библиските преданија. Особено е за одбележување тоа што веќе е во тек зелената револуција за освојување на нови пустински предели и нивно претворање во непрегледни зелени оази. Оттука и не случајно се вели дека оваа земја е вистинско чудо. Заслужува да се спомене дека како посебна содржина на живеење во Галилеја се и многубројните колективни населби со општествена, приватна и колективна сопственост. Најзастапени од нив се таканаречените кибуци, во кои се применува колективната организација на трудот и колективна сопственост. Денес во Израел има над 300 кибуци кои почнале да се формираат пред Првата светска војна, со првите доселувања на голем број Евреи, особено од Русија. Тие се карактеризираат со заедничка сопственост над земјиштето и над средствата за производство, како и со заедничката распределба според потребите на членовите на семејството и можностите на кибуцот. Дел од нив се формирани и под влијание на разни политички и верски организации. Жителите во кибуците главно се занимаваат со производство на жито, памук, портокали, лимони, авокадо, банани, урми и со одгледување на други култури, а во некои од нив е доста развиено и сточарството, млекопроизводството и неговата преработувачка. Нивните потреби се заокружени во една репроцелина која синџиресто е поврзана заради поголемо искористување на сите резерви и за што е можно поголемо задоволување на сите потреби на населението во кибуцот, во кој сите добиваат подеднакво. Според податоците, моментално во кибуците живеат околу пет отсто од вкупното израелско население, меѓутоа во последно време некои од нив постојано ја губат колективната форма на живеење, за што младите генерации се изјаснуваат за поголема независност во креирањето на сопственото живеење. Со доселувањето на руските Евреи, првиот кибуц – Дегонија, е формиран во 1905 година во непосредна близина на Галилејското Езеро. Но, за еден од постарите кибуци се смета и Гинозард подигнат на самиот брег на Галилејското Езеро и тоа на простори кои до пред седумдесет години било непроодно мочуриште. Во Гинозард во 1986 година е пронајден еден чамец за дванаесет лица и тоа сосема случајно, кога жителите од кибуцот се обидувале да го изведат пропаднатиот трактор во меката кал карј Галилејското крајбрежје. Според досегашните испитувања на археолозите и на други научни работници и историчари, чамецот е стар околу 2000 години. Некои претпоставуваат дека е тоа чамецот со кој пловел Исус Христос заедно со своите ученици по Галилејското Езеро. Библиските преданија од Новиот завет говорат дека токму овде Исус одел по тогашното Галилејско Море и како Божји син успеал да ги смири разбеснетите бранови што силно удирале по чамецот и да ги спаси своите ученици да не се удават.
Пустински живот Евреите обраќаат големо внимание на животната средина. Таму, навистина екологијата се пренесува од најмалите до најстарите и се води голема грижа за иднината на земјата. Затоа, Израелците не градат фабрики во градовите. Индустриските преработувачки капацитети, претежно ги лоцираат во периферијата на приморските региони или пак, најчесто на пределите на Јудејската Пустина и на пустината Негев. Со тоа настојуваат, нивните градови, а особено поголемите, да останат со чиста и здрава животна околина и да се одржи бистрината на тие мали количества вода, што не се доволни ниту за водоснабдување на населението ниту пак за наводнување. На тој начин уште повеќе ја искористуваат пустината. Во последно време во пустинските предели с# почесто се врши преселба на плантажи со некои култури што се поотпорни на суша. Оттука и не е ништо необично глетката на протегнатите пластични црева од системот “капка по капка” на поголемиот дел од песочните дини, каде што температурата достигнува и до над 50 Целзиусови степени. Во последно време се изведуваат и нови посовремени активности со копање бунари во песочната почва. Во нив се собира водата од дождот која потоа се прочистува до бистра капка за наводнување на новоосвоените производни површини. Всушност, Евреите така се снабдувале со вода уште од најстарите времиња, зашто во Израел врнежите се многу ретки, одвај 100 милилитри на квардатен метар, а во пустинските предели ги име уште помалку. Единствената врнежлива сезона е од декември до февруари и затоа секоја капка дожд е драгоцена и таа мора најрационално да се искористи. А, водата за Израел значи живот и не случајно Евреите велат дека имаат проблеми со две дупли “В” (Њ), вода и војна. Израел е карактеристичен и по бедуинските населби кои се распространети во сенките на издигнатите ритчести предели. Нивниот живот е организиран под импровизирани шаторски крила, но тоа е само местото за преноќување. Другиот дел, буквално, го минуваат под ведро небо, пасејќи стада кози и овци. Но, тие не се толку сиромашни колку што оставаат впечаток нивните населби, туку тоа е нивниот стил на живот уште во времето на Абрахам. Често го менуваат своето место на живеење, а подолго на еден дел некои остануваат само ако имаат генератори за струја или пак доволно вода во ископаните бунари. Но, во последно време и тие се организираат и подигаат нивни градови. Претежно се занимаваат со сточарство, со производство на волна, на месо, на кожа итн., а доволно заработуваат и од продажбата на сувенири и од организирањето на своевидните атракции со јавањето на камили. Во последно време се занимаваат и со производство на маслинки во пустински услови. Со животот на Бедуините особено се запознавме на патот кон Ерусалим до Мртвото Море. Така, колку повеќе се навлегува во пустината, во насушниот и најтоплиот дел од државата, толку повеќе патот се спушта до местото каде е означено со нултата точка. На поставената табла овде е запишана голема нула. Надолу теренот се спушта кон просторот каде се наоѓа Мртвото Море. Овој единствен феномен во светот се формирал во некогашните пукнатини под површината на Мртвото Море.Така, некогашната водена површина што се протегала одовде па се до устието на реката Јордан и до Галилејското Езеро се загубила, или, пак, како што постојат тврдења се поделила на два дела. Северниот дел го опфаќа денешното Галилејско Езеро кое порано имало солена, а денес слатка вода и сегашното Мртво Море кое лежи во долниот дел на тектонската долина и кое има најсолена вода од сите солени мориња. Оттука и не случајно денешната површина на Мртвото Море се наоѓа на најниската точка, дури на минус 410 метри под морската површина, која, поради природните (не)погоди и човечкиот фактор има постојано опаѓање, со тенденција на исчезнување. Затоа, израелските власти се заинтересирани преку подводни канали да донесат солена вода од Средоземното Море. Сината површина на Мртвото Море која е рамна како огледало, единствено ја разбрануваат капачите, кои исто така испружени на морската површина личат, како што често велат овде, на “солени риби од луѓе”. Тоа е единственото море каде што човек не може да се удави иако не знае да плива. Буквално, може мирно да се лежи на морската површина и дури да се чита весник. Но, во летните месеци не може многу да се остане во водата, зашто таа е многу топла и лесно човек може да добие несвестица. Затоа, на секој дојденец му се препорачува дека не смее да остане повеќе од 15 минути во периодот на високите температури. На брегот, пак, се измачканите луѓе со кал од морето, која е доста лековита за псоријаза, за реума, за бронхитис и за други кожни болести. Мртвото Море уште се нарекува и Бахр Лут, што значи “солено езеро”. Историски е познато под различни имиња, Античко Море, Мртво Море, Морето на Араба, Морето на Седам итн. Вкупната негова површина изнесува 1050 квадратни километри, длабочината е од околу 400-тина метри, а неговото дно се наоѓа на минус 798 метри. Главна притока е реката Јордан, а се влева во него и реката Арнон. Југозападниот дел му припаѓа на Израел, а другиот на Јордан. Во морето, концентрацијата на сол изнесува 30 проценти. Тоа е многу богато со минерали, чие присуство го прави единствено во светот по својата лековитост. Во пространите водни површини нема живот, а според стручнаците тоа е поради големата концентрација на сол и на разни минерали, со што најверојатно го добива и денешното име. Годишно Израел го посетуваат над 2 милиона туристи, а за туристичката сезона нема одредени периоди. Таа трае речиси преку целата година. До крајот на 2000-та година се очекуваше да бидат регистрирани над 3 милиони туристи и посетители, вклучувајќи и голем број руски аџии. За жал заради политичките состојби изостана профитот од туризмот во Израел. |